Де Брујне можеби ќе биде спремен за мечот со Италија

Победата над Португалија во осминафиналето си зеде свој данок во таборот на Белгијците. Повреди заработија капитенот и неговиот заменик, Еден Азар и Кевин Де Брујне. Играчот на Манчестер Сити беше заменет уште по полувремето, додека Азар одигра речиси до крајот.

Фудбалерот на Реал Мадрид речиси сигурно нема да биде спремен за четвртфиналниот дуел со Италија вечерва поради повредата. Сепак, иако најавите не беа добри, сега работите се променија за Кевин Де Брујне. Плејмејкерот на „ѓаволите“ заработи удар во зглобот, а шансите да заигра денес се многу повисоки од претходните денови.

Најавата беше дека Де Брујне нема да биде во составот за мечот со „азурите“, но селекторот Мартинез ќе чека до последен момент. Белгијската новинарка Алиса Салиу која всушност соработува со УЕФА и пренесува ексклузивни информации од таборот на оваа селекција, денес напиша дека Де Брујне може да се најде во стартниот состав.

Коментарите се оневозможени од страна на уредникот.