Tesla во загуба од 126 милијарди долари по купувањето на Twitter

Tesla Inc изгуби 126 милијарди долари од вредноста во вторникот поради загриженоста на инвеститорите дека главниот извршен директор Илон Маск можеби ќе треба да продаде акции за да го финансира својот капитал од 21 милијарда долари за откупот на Твитер тежок 44 милијарди долари. Тесла не е вклучена во зделката на Твитер, но сепак нејзините акции се на мета на берзанските шпекулации, откако Маск одби јавно да открие од каде доаѓаат неговите пари за купувањето.

Падот од 12,2% на акциите на Тесла во вторникот е еднаков на пад од 21 милијарда долари на вредноста на неговиот удел во Тесла, односно точно онолку колку што Маск одвои за вложување во договорот за купување на Твитер – 21 милијарда долари во готовина. Аналитичарот на Видбраш Секјуритис (Wedbush Securities), Даниел Ајвс, за Ројтерс изјави дека загриженоста за претстојните продажби на акции од страна на Маск и можноста неговиот ангажман сега да биде насочен повеќе кон Твитер, натежна кај акциите на Тесла.

Падот на акциите на Тесла дојде во време на пад на вредностите на акциите и на други технолошки компании. Nasdaq во вторникот се затвори на најниското ниво од декември 2020 година, бидејќи инвеститорите се загрижени за забавување на глобалниот раст и поагресивните зголемувања на стапките од Федералните резерви на САД.

Акциите на Твитер,исто така, се лизнаа во вторникот, паѓајќи за 3,9% до затворање на 49,68 долари, иако Маск се согласи да го купи во понеделник за 54,20 долари по акција во готово. Зголемениот распон ја одразува загриженоста на инвеститорите дека наглиот пад на акциите на Тесла, од кои Маск го црпи најголемиот дел од своето богатство од 239 милијарди долари, може да го наведе најбогатиот човек на светот да размислува за договорот со Твитер. „Ако цената на акциите на Тесла продолжи да биде во слободен пад, тоа ќе го загрози неговото финансирање“, изјави високиот пазарен аналитичар на ОАНДА (OANDA), Ед Моја.

Како дел од договорот со Тесла, Маск зел и заем од 12,5 милијарди долари поврзан со неговата акција на Тесла. Тој веќе позајмил за околу половина од неговите акции на Тесла.

Коментарите се оневозможени од страна на уредникот.