Најсилниот Porsche Cayenne Turbo E-Hybrid со 739 КС

Porsche Cayenne Turbo E-Hybrid е врвот што може да се добие во моделското семејство на големиот СУВ-модел. Со моќност од 739 коњски сили, овој модел соединува врвни перформанси со можност потрошувачката да се одржува на исклучително ниско ниво – а со тоа и емисијата на штетни материи.

По пролетниот старт на новиот Cayenne, Porsche сега ја круниса темелно преработената трета генерација на успешниот СУВ со нова врвна изведба. Исто како и досега, во топ-верзијата на Cayenne работи приклучен хибриден погон. Моделот Cayenne Turbo S E-Hybrid претрпе бројни зафати во хибридната техника, главно во насока на продолжување на досегот и зголемување на моќноста

Од тие зафати профитираат и возливоста во секојдневието и перформансите. Електромотор со моќност од 130 kW (176 КС) му помага на преработениот 4,0-литарски V8 со битурбо натполнење и 441 kW (599 КС). Двете погонски единици во спрега постигнуваат максимално 544 kW (739 КС) и максимален вртежен момент од 950 Nm.

Porsche Cayenne Turbo E-Hybrid и со перформансите докажува дека ми припаѓа врвот во гамата. Спринтот до 100 km/h трае 3,7 секунди. Крајната брзина изнесува 295 km/h.

Стандардно со 2-коморна и 2-вентилска пневматска амортизација

Новите Porsche Cayenne Turbo E-Hybrid и Cayenne Coupe Turbo E-Hybrid излегуваат од фабрика со приспособлива пневматска суспензија со новата 2-коморна и 2-вентилска технологија. Тоа значи дека влечниот и притискачкиот óд на амортизерите може да се менуваат нерзависно едно од друго.

Оваа технологија во исто време ги подобрува и комфорот и стабилноста, дозволувајќи уште поголем распон меѓу комфорната и Sport Plus-програмата. Подвозјето се грижи за меко амотизирање при бавно возење, но и за спречување на преголемо наведнување и навалување на каросеријата при подинамично возење. Во стандардниот арсенал спаѓа и Porsche Torque Vectoring Plus (PTV Plus). Опција е Porsche Dynamic Chassis Control (PDCC), како и управувана задна оска.

Посебни зафати во надворешниоит изглед и во кабината го разликуваат топ-моделот од остатокот од гамата. Стандард се кожени спортски седишта со местење во 18 правци.

Уште едно ниво погоре: Cayenne Turbo E-Hybrid Coupé со пакет GT

Уште поспортска нота постигнува Cayenne Turbo E-Hybrid Coupé со пакет GT. Тој го заменува Cayenne Turbo GT, како модел што повеќе не се нуди во Европа, а ориентиран е првенствено на перформанси при возење по асфалт. Подвозјето и системите за контрола се нагодени за спортско возење, вклучувајќи ја и амортизацијата. Каросеријата е спуштена 10 милиметри. Нагибот на предната оска е зголемен на 0,58 степен, за уште поголема динамика во свијоци, при поголема прецизност во управувањето и значително зголемена странична стабилност.

Сопирачките Porsche Ceramic Composite Brake (PCCB) исто така е составен дел од пакетот GT. Опција се гуми со високи перформанси за сериските тркала од 22 инчи со GT-дизајн, исто како и PDCC и управувана задна оска.

Cayenne Turbo E-Hybrid Coupé со пакет GT спринтува до темпо сто за 3,6 секунди и постигнува 305 km/h.

Turbo E-Hybrid е вториот од трите хибридни моделски изведби на Cayenne, што Porsche ќе ги воведе во 2023 година. Цената во Германија е 176.324 евра, со ДДВ. Coupé-изведбата чини 179.775 евра.

Cayenne Turbo E-Hybrid со пакет GT, што во Германија чини 208.454 евра, достапен е на пазарите на коишто Cayenne Turbo GT повеќе не се нуди. Тоа се главно пазарите во ЕУ, како и Јапонија, Хонг Конг, Тајван и Сингапур.