Во Шведска нема да се користи готовина

Минатата година по прв пат после речиси 170 години немаше ниту еден грабеж на банка во Шведска. Со оглед на екстремно насилната прирофда на организираниот криминал во оваа скандинавска земја, која честопати е тема на дискусии, звучи речиси невозможно да нема ниеден грабеж.

Сепак, одговорот на тоа е дека е бесмислено да се ограбуваат шведските банки кои повеќе немаат готовина во филијалите, ниту во сефовите. Шведска моментално е најнапредната земај во светот кога станува збор за безготовинското плаќање и шведските банки се лидери во светот во однос на тој тренд. Цели сектори, како што е јавниот транспорт, повеќе воопшто не прифаќаат готовина.

Генерално, големи се шансите дека ниту една шведска продавница, ресторан, музеј, хотел и други услуги и активности нема да прифатат готовина и ќе останете неуслужени ако немате некаква форма на дигитално плаќање.

Дури и најстарите луѓе, за кои се смета дека тешко ја приваќаат дигитализацијата, престануваат да користат готовина. Процентот на луѓе на возраст од 65 до 84 години кои користат готовина падна на само 9% од 16% пред две години. Многу постари жители мораа да се префрлат на дигитално плаќање поради пандемијата на КОВИД-19.

Сепак, не се сите ентузијасти по прашањето безготовинско плаќање. Со години трае дебатата дали е легално да се одбие готовина како начин на плаќање. Иако законот вели дека банкнотите и монетите кои ги издава Риксбанка се легални, некои експерти го бранат правото да се одбие готовината како средство за плаќање.

Освен правните аргументи, има многу други посериозни аргументи со кои се дискутира. Имено, војната во Украина покажа какви проблеми може да се случат во едно дигитализирано општество кога нема струја и интернет.

И соседните скандинавски земји го следат истиот тренд, но не го прифаќаат толку лежерно како Шведска. Во Данска, на пример, има закон кој вели дека сите продавници со персонал се обврзани да прифатат готовина, со одредени исклучоци ноќно време. Во Норвешка, пак, владата исто така пропагира зацврстување на законите за парите.

Следете не и споделете ја нашата содржина:
fb-share-icon834