ГЛАС ОД ТИШИНАТА
Ми шепне глас од тишината:
– пушти ја измачената мисла
која со денови плови
низ твоето навидум постоење
а во ноќите од спомените
тежината ја слика.
А можам ли?
Како да ја изговорат усниве
сошиената вистина,
ТЕ САКАМ…………..
Те барам во чудниве ветришта
што неспокој расејуваат
и постела од тага ми постилаат
а јас несакам во неа да влезам,
не сакам ликот да ми го менуваат,
несакам да заспијам
опиена од вера- невера.
Сакам да го сонам ликот твој до ликот мој,
сакам да ми се насмевнуваат
твоите жолти трендафили,
а требаше да знам
дека тие љубомора кријат
која основа нема ама врие,
провејува во зборот
и во очите ти се крие.
ТИ ПОРАЧУВАМ –
појди во улицата на багремите,
мене нема да ме најдеш,
ќе ја видиш само мојата сенка,
ќе те погали нежно.
Ако на враќање попатно ме сретнеш
ако ме видиш,
ти покриј ме со пајажина,
јас тогаш срцево ќе го заклучам.
Автор – Дана Тембелеска
Следете не и споделете ја нашата содржина:
2023-02-16